Општина Валандово започна со реализацијата на проектот за изградба на повеќенаменско игралиште во село Калково. Дел од средствата ќе бидат обезбедени од општинскиот буџет, а поголемиот дел во износ од 1.536.520 денари, од страна на Владата на Р.Македонија, по претходно распишаниот јавен повик од страна на Бирото за регионален развој, за прибирање предлог проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби.
Градоначалникот Перо Костадинов договорот го потпиша заедно со директотот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи. Според потпишаниот договор, крајниот рок на завршување со изведбените работи е 30 ноември 2018-та.
Целта на овој проект е да се создадат услови за спорт и рекреација, но и да се поттикне и развие спортскиот потенцијал кај младите од ова населено место.
Инаку, по оваа одлука на една од претходните седници на Совет на општина Валандово советниците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Калково има поприоритетен проблем – проблемот со водоводот и водоснабдувањето на населението и дека овие средства треба да бидат пренаменети за таа цел. На тоа, градоначалникот одговори дека за остварување на тој проект се потребни многу повеќе финансиски средства, но дека сепак изградбата на водовод и канализација во Калково се планирани во овој мандат на локалната власт.