Залутано барање од ООУ „Јосип Броз Тито“ ги скара советниците во Советот на Општина Валандово

Погрешно испратено барање од Директорката на ООУ „Јосип Броз Тито“ од Валандово до Советот на Општина Валандово, за покачување на нејзината плата за 40%, одлука за која расправа Училишниот одбор, разви вжештена дебата на последната 14-та седница на Советот на Општината.

Директорката своето покачување го правдаше со зборовите дека таа ова го нашла во Законот и тоа е дел од Законот со години, но не било искористено од нејзините претходници.

На ова советничката Стојанова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ја праша Директорката дали и нејзините колеги во училиштето треба самите да бараат покачување, затоа што таа побарала единствено за себе, на што Директорката и одговори и тие да си бараат.

Дебатата за покачувањето на платата на дневен ред пред советниците ги стави и приоритетите на ООУ „Јосип Броз Тито“, поточно кровната конструкција која протекува и го попречува едукативниот процес.

На ова се надоврза советничката Чилевска која потенцираше дека кровната конструкција е променета пред две-три години и побара да се погледне проблемот од друг аспект, т.е. квалитетот на изведбата.

Овде за реплика се јави советникот Занов, кој рече дека треба да се поведе постапка за ревизија на неодамна поставената кровна конструкција, и не смее да биде користена за прикривање на други работи, на што од страна дофрли Директорката дека „тек ќе се откријат работите“, што дополнително ја вжешти дискусијата.

Советникот Занов и забележа на Директорката за нејзиното однесување и инсинуациите дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ прикриваат детали во однос на поставената кровна конструкција и и посочи да ја извршат ревизијата за да се открие доколку има нешто прикриено.

За збор се јави Градоначалникот Костадинов и ги советуваше советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кога сакаат да дискутираат на теми на кои што мислат дека можат да поентираат, претходно да се подготват за тоа.

Во дебатата се вклучи и советникот Балески кој праша дали Директорката има поднесено барање за заменик директор бидејќи според бројот на паралелки кои го сочинуваат училиштето тоа ја следува, на што Директорката одговори дека процедурата за назначување на нејзин заменик е во тек.

Точката за извештајот и програмата за работа на ООУ „Јосип Броз Тито“ Валандово, беше изгласана со 10 гласа за и 5 воздржани.

 

Коментари


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.