Ќе го „одврзе ли ќесето“ Општина Валандово? Пари чекаат повеќе лица и субјекти.

На шестата седница на Советот на Општина Валандово, која е закажана за во понеделник, ќе се расправа за распределба на народните пари, на лица и субјекти од општината кои поднеле барање за финансирање.

Меѓу оние кои очекуваат финансиска помош од Општината се и фудбалските клубови „Победа“ од Валандово, „Младост“ од Удово, „Партизан БАШ“ од Башибос и Ученичкиот спортски клуб од Валандово.

Од Општинските пари зависи и реализацијата на „Ловечката вечер“ која традиционално ја организира Ловното друштво „Орел“ од Валандово.

На Дневниот ред на Седницата е и предлог-одлуката за доделување средства за лекување на лице од општина Босилово, како и за авторот Трајко Аврамов за печатење на книгата „Гевгелиско – Валандовски говор во говорното подрачје Гевгелија и Валандово“.

На „зелено светло“ чека и распределбата на државните пари наменети за основните училишта на територијата на општина Валандово, како и општинското учество во проектот за изградба на повеќенаменско игралиште во Калково.

Можеби и најзанимлива од сите точки на Дневниот ред е предлог-одлуката за набавка на медоносни растенија, за потребите на пчеларите од општината. Со позитивен исход од гласањето по оваа точка, би се потврдилe заложбите на Градоначалникот и на локалната власт да го зачуваат приматот на општина Валандово како една од најземјоделските општини во Македонија.

 

Коментари


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.