Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, во тек се сериозни реформи, со цел враќање на угледот на Министерството и довербата кај граѓаните.
Покрај останатите реформи, во периодот кој претстои, акцент ќе биде ставен и на воведување на позорната служба во што поголем број на градови во државата.
„Проектот за т.н. маалски полицаец почна со имплементација во Куманово, каде има 70 позорникари кои покриваат 17 реони и веќе ги дава соодветните резултати. Позорната служба има исклучително значење во делот на превентивното работење, зближување со граѓаните, познавањето на средината во која работи позорникарот и градење на врската полицаец – граѓанин. Можноста за правовремено информирање, познавањето на средината и околностите, можноста за постојана комуникација со граѓаните, се атрибути што од позорникарството прават неопходен инструмент што многу ги олеснува натамошните фази од полициските постапки, независно за која од областите на криминалитет станува збор. Веќе се завршени сите неопходни подготовки и овој проект многу скоро ќе се имплементира во Кочани, Тетово, Гостивар и Кичево. Потоа ќе продолжиме со воведување на позорната служба во Штип, Струмица, Валандово, Гевгелија и други градови”, се наведува во соопштението.