Тендерот за избор на градежна фирма за изградба на регионалните стационари за кучиња – скитници ќе биде објавен до крајот на неделава

Во регионот се поактуелна станува темата за решавање на проблемот со кучињата – скитници, кој од ден на ден е се поголем и почнува да претставува закана по безбедноста на граѓаните, но и самите кучиња.

Трајно решение на проблемот се гледа во изградбата на двата регионални стационара, еден во Струмица и еден во Гевгелија, кои ќе ги опслужуваат сите десет општини од Југоисточниот плански регион.

Како што не информираа од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, изградбата на стационарите ќе започне веднаш штом заврши постапката за избор на градежна фирма, која ќе биде избрана на тендерот што ќе биде објавен од страна на Бирото за јавни набавки до крајот на оваа недела.

Двата стационара ќе бидат со капацитет од 80 кафези, 40 кафези поединечно, капацитет кој треба да ги задоволи потребите на општините од регионов и ќе одигра значајна улога при справувањето со бездомните кучиња.

„Секако треба да се има во предвид дека сместувањето во стационарот на кучињата е привремено, додека не се вдомат или доколку тоа не се случи по одредено третирање и регистрација и по исцрпување на сите можности за вдомување во минимален рок од 30 дена, тие се враќаат на улица што е во согласност со Законот за заштита и благосостојба на животните и Правилникот за технички услови за прифатилиштата, условите за чување на животните во прифатилиштата, постапките за еутанатзијата, начинот на водење на евиденција и начинот на вршење надзор, формата и содржината на регистарот и начинот на регистрација како и информациите потребни за регистрација“ вели Жулиета Ѓуркова, раководител на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Стационарите се очекува да бидат готови за користење пет месеци од моментот на воведување во работа на градежната фирма, за што Општините претходно треба да го определат моделот на функционирање.

Цената за изградба на двата стационари заедно со набавка на две транспортни возила со соодветни приколки за сместување на заловените кучиња чини околу 20.000.000,00 денари. Од овие средства 60 % се обезбедени од страна на Бирото за регионален развој преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година, а останатите 40 % ги обезбедуваат општините од Југоисточниот плански регион. Дополнителни 33.000 евра ќе бидат обезбедени од страна на УНДП преку Грантовата шема во рамките на проекот „Подобрување на општинското владеење“, за комплетно опремување на двата стационари со опрема неопходна за нивно нормално функционирање.

Коментари


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.