На вчерашната средба со граѓаните, на која како дел од кампањата „Излези за европска Македонија“ присуствуваше и премиерот Зоран Заев, во делот за прашања од граѓаните му беше поставено прашањето за вистината за Рударскиот комплекс „Казандол“.
Заев потврди дека гласините за рестартирање на рудникот се невистини, а Владата веќе донела Одлука како да го затрупа Казандол.
„Овие денови Владата донесе Одлука за Казандол како да го затрупаме. Тоа што е таму отворено мора да се затвори. Тоа ни е целта, затоа што со дождовите, ни кажуваат стручњаци, можат да се појават тие зелени маси и реки, кои што можат пак да прават штети, затоа што таму имаме отворени копови. Целта е да се најде, по пат на тендер, компании, кои со пари на државата ќе го затрупат тоа целото и да го вратат во првобитна состојба. Еколошки Валандово мора да биде заштитено до крај.“ додаде премиерот во своето обаќање.
Владата, на седницата која ја одржа на 27-ми март годинава, поради неисполнување на условите, донесе Одлука за еднострано раскинување на договорот со компанијата „Сардич“ за концесијата за експлоатација на минерални суровини, бакар, злато и сребро на локалитетот Казандол во општините Дојран, Валандово и Богданци.