На прагот пред учебната 2018/2019 година, основните и средното училиште во општина Валандово се веќе подготвени да ги дочекаат новите генерации на ученици.
Во С.О.У „Гоце Делчев“ во Валандово во прва година се запишале околу 50 ученици, од кои 30 во гимназија, а 20 на некоја од земјоделските струки. Во споредба со минатата година, кога се запишале околу 70 средношколци, годинава бележи намалување.
Според Љубица Невеселова – Директорка на С.О.У „Гоце Делчев“ – училиштето е подготвено за новата учебна година, направено е генерално чистење, санирани се сите недостатоци, а на дел од нив ќе се работи во текот на учебната година. Исто така, таа вели дека е готов и распоредот на часови а класните раководители веќе ги добиваат комплетите книги кои во понеделник треба да им ги дадат на средношколците.
Што се однесува до основните училишта пак, во О.О.У „Јосип Броз Тито“ – Валандово бројот на првачиња во Валандово од година во година рапидно се намалува. Во прво одделение годинава, се запишале вкупно 64 првачиња. Mинатата година тој број изнесувал 71, додека пак, предминатата 88.
Bо населените места Брајковци и Казандол годинава има зголемување на бројот на првачиња. Директорката на училиштето – Даниела Џонова истакна дека се спремни за новата учебна година, со што дел од подготовките ќе траат уште неколку дена од почетокот на учебната година.
Во О.О.У „Страшо Пинџур“ – Јосифово годинава има зголемување на бројот на првачиња – околу 40, во споредба со лани – околу 36. Со што бројот на првачиња се намалува во Јосифово а бележи зголемување во населените места Калково, Удово и Грчиште. Директорот Антонио Дилберов вели дека годинава, општо, бројот на ученици во „Страшо Пинџур“ е зголемен и изнесува 320, во споредба со лани кога изнесувал 314. Тој додава дека и тие се спремни за новата учебна година, подготвен е распоредот на часови а се комплетираат и учебниците за учениците. Единствено сѐ уште се работи на изградбата на новата спортска сала, но, како што вели Дилберов, тоа не е никаков проблем за почетокот и текот на новата учебна година.