И годинава ќе се потрошат пола милион денари за новогодишно украсување на Валандово

Општина Валандово одлучи да не го следи примерот на повеќе македонски Општини и не се откажа од намерата да одвои пола милион денари, речиси идентична сума како и претходните неколку години, за новогодишно украсување на градот и општината.

Ваквите трошкови, кои се сметаат за неприоритетни, одредени Општини веќе ги пренаменија за справување со пандемијата и последиците од истата.

Општина Куманово средствата за новогодишно украсување ќе ги потроши за купување на таблет компјутери за деца од социјално загрозени семејства кои имаат проблем да следат настава онлајн.

Општина Делчево пак годинава нема предвидено средства за новогодишно украсување, а украсувањето на централното градско подрачје ќе го изврши со стари новогодишни украси, купени во изминатите години.

Од регионот, Општина Струмица реши парите да ги донира на Општата болница во Струмица, додека Општина Гевгелија четирикратно ги намали средствата за украсување, од минатогодишните 900.000 на 225.000 денари, што е помалку од половина од сумата од пола милион денари која планира да ја потроши Општина Валандово

За споредба, Општина Валандово годишно троши речиси една третина помалку за решавање на проблемот со кучињата скитници кој важи за еден од најголемите, посебно за градот Валандово.

Од Општина Валандово велат дека следејќи ги барањата на граѓаните, посебно најмалите, годинава ќе издвојат средства за новогодишно украсување. Оттаму сметаат дека периодов на пандемија и сивило месеци наназад создава потреба Општината да не ги крати издатоците и во оваа сфера на општествено живеење.

„Издадоците за новогодишно украсување се намалени во споредба со некои претходни години и истите не го оптеретуваат функционирањето на општината и реализацијата на проекти од другите области во општинска надлежност.” додаваат од Општината за Валандово.мк.

Денес, кога поради пандемијата, невработеноста во Валандово е на децениски највисоко ниво прашавме дали средстава за новогодишно украсување од 500.000 денари можеше да бидат искористени за семејствата и бизнис-заедницата кои поради здравствената и економска криза се нашле во неповолна состојба.

Од Општината ни одговорија дека со одговорно и транспарентно владеење, во периодот наназад успеале значително да ги зголемат трансферите за еднократна парична помош кон социјално загрозените граѓани, инвестициите во детската заштита и образованието, како и севкупните капитални инвестиции во општината.

(Фото: Атила Продакшн)

Коментари


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.