На Дневен ред на шестата Седница на Советот на Општина Валандово беше и точката за Општинскиот удел во финансирање на проектот за изградба на повеќенаменско игралиште во село Калково.
Советникот Тони Пандев од ВМРО-ДПМНЕ, реагираше дека село Калково има поприоритетен проблем, проблемот со водоводот и водоснабдувањето на месното население и тоа дека Општината мора да ги пренамени средствата за таа намена.
По излагањето на советникот, збор зеде градоначакникот Перо Костадинов. Обвинувајќи го советникот за популизам, му образложи дека проект за изградба на водовод се потребни многу повеќе финансии, но во моментов, буџетот на Општина Валандово е премал за такви зафати. Додавајќи дека водовод и канализација во Калково се планирани во овој мандат на локалната власт.
На ова Пандев реагираше дека ако се земе во предвид актуелната состојба во Калково, за изградба на водовод се потребни само 10.000 евра, на што Градоначалникот додаде дека, доколку потребната сума била само 10.000 евра зошто тие, кога на власт биле повеќе од десет години не го реализирале тоа.
Дискусијата ја прекина Претседателот Владимир Марков и ги замоли да го задржат нивото на дискусијата и да го испочитуваат деловникот.
Предлог-одлуката беше изгласана со неколку воздржани советници.