Која е девојката за која креирате?
– Музата за моите креации и модни колекции е девојка со цврст чекор, изграден стил и изразено чувство за естетика. Девојка која е смела и не се плаши да привлекува внимание и воедно сака уникатно да го експресира нејзиниот личен стил.
Наша интерпретација на вашиот стил е кохезија од естетиката на строгиот париски крој и жарот на медитеранот кој несомнено е во љубовна врска со балканскиот сензибилитет. Самодовербата на вашата девојка е подготвена да плени на пистите на сите модни центри во Светот. Каде, условно кажано патува „Занов“?
– Парискиот крој и париската висока мода, отсекогаш ми биле главниот извор на инспирација, и во креирањето и во однос на созревање како уметник и моден дизајнер. Нејверојатно тоа е толку многу врежано во мојата естетика и работа, што како стил ненамерно и несвесно го имплементирам во моите дела. Моментално работам и креирам во нашата земја, но можеби токму поради горенаведените причини, како главна цел и слободно ќе речам како една детска желба, мојот бренд би сакал да го пласирам на парискиот пазар.
Што сметате е причина поради која светската модна „банда“ ја држи балканската мода на периферијата на видикот?
– Постојат многу фактори, заради кои балканската мода е далеку и сеуште многу назад за разлика од европската или светската модна сцена. Историјата е првичниот фактор, традицијата и потеклото на модата и модниот дизајн се појавува многу одамна, уште во 18ти век, во развиените европски земји како Франција и Англија. Во 19ти век за прв пат се среќава терминот моден дизајнер, или котуриер, а во 1858 година таткото на високата мода, Чарлс Фредерик Ворт, ја отвара првата модна куќа, што во тоа време на наши простори било научна фантастика. Финансиската состојба е исто така една од водечките причини поради која модната култура на Балканот е доста послабо развиена. Иако во последните неколку години, се забележува напредок, со појавата на млади креативци, дизајнери кои со свој индивидуален стил ги изразуваат и презентираат своите колекции, сепак модната состојба и култура на Балканот е далеку од некое завидно ниво.
За која светска модна куќа би сакале да дизајнирате?
– Ги имам неколку омилени… Dior, Givenchy, Thierry Mugler, Balenciaga, но доколку би ја имал таа шанса да одберам една од нив, тоа дефинитивно би било Dior.
Која е онаа сила која сеуште ја чува виталноста на вашата креативност и творештво, овде во Македонија? Ако на момент ги извадиме дизајнерските розеви очила ќе сфатиме дека Македонија ни оддалеку не е Vogue утопија.
– Љубовта кон модата, љубовта кон професијата. Јас сум личност која е создадена да креира и создава и дефинитивно модата е нешто во кое се пронаоѓам целосно, се давам целосно и го работам со безрезервна љубов.
Доколку ја канализирате вашата внатрешна Нина Гарсија, а пред вас прошетаат валандовчани, што би ги советувале?
– Би ги посоветувал да бидат покреативни, да излезат малку од стегите на комфор зоната и се разбира најважното, да не гледаат примери и идоли од турбо фолк сцената.
Можеме ли да се надеваме на големо „Занов“ модно шоу овде во Валандово?
– Секако дека да, јас иако живеам и работам во Скопје, голема желба ми е да направам модна ревија во мојот роден град и неофицијално можам да кажам дека се работи на тој план.
За крај нашиот омилен сегмент 10 прашања, 9 и пол одговори. Ние ви поставуваме прашања а вие обидете се да одговорите најкратко што можете. Одговор со еден збор носи милион поени 🙂
Милано, Париз или Лондон?
– Париз
Пролет/Лето или Есен/Зима?
– Пролет/ Лето
Елена Лука или Вера Ванг?
– Хаха… Вера Ванг
Вашите модели сакате да ги видите во Saks Fifth Avenue или на црвениот тепих?
– Црвениот килим
Театар или опера?
– Балет 🙂
Ријана или Одри Хепберн?
– Хмм… Двете во едно
Џереми Скот, yay or nay?
– So Yay
Природно или фабрикувано крзно?
– Голем љубител сум на животните, така да фабрикувано 100%
Светската модна сцена се движи во вистинска или погрешна насока?
– Во многу погрешна, во денешно време модата стана многу брза, што навистина повеќе се работи на квантитет отколку на квалитет.
„Less is more“ или „More is more“?
– Always “Less is More”!