Денес, со почеток во 12 часот, во објектот Даут пашин амам ќе биде одржана промоција на монографското издание посветено на творештвото на Костадин Танчев – Динка, основоположникот на графичкиот дизајн во Македонија, по потекло од Валандово.
Изданието под наслов „Костадин Танчев-Динка – Од слика и графика до нови медиуми” содржи повеќе текстови од следните автори: проф. д-р Владимир Величковски, проф. д-р Тони Васиќ, проф. Лазе Трипков, како и веќе објавени текстови од проф. д-р Кирил Темков и Конча Пирковска.
Книгата која е издадена на македонски и на англиски јазик од страна на Националната галерија, опфаќа 240 илустрации, отпечатена е во колор на 304 страници, со димензии 240 х 270 мм.
На промоцијата ќе говорат проф. д-р Владимир Величковски, проф. д-р Кирил Темков, и проф. Лазе Трипков.
Професорот Костадин Танчев Динка во текот на својот повеќедецениски плоден работен и творечки век остави значаен белег во развојот на македонската уметничка сцена, и како ликовен автор и како ликовен дизајнер.
На полето на применетата графика многумина го сметаат за водечки мајстор иноватор во наставата по дизајн, бележит сценограф, врвен изработувач на плакати и дизајнер на публикации.