Состојбата со пандемијата во Валандово е лоша, но прогнозите се оптимистични вели доктор Стојчевски

Општина Валандово ги живее најлошите мигови од почетокот на пандемијата со новиот коронавирус. Во моментов на територијата на општината, заклучно 19-ти октомври, има 83 заболени, од кои 45 се водат како активни случаи.

Поради ваквата состојба неколку пати заседаваше Кризниот штаб кој ги конкретизираше насоките во борбата против заразата, а како што велат од Општината, истите и дословно се спроведуваат.

Еден од учесниците на седниците на кризниот штаб е и доктор Кирчо Стојчевски, доктор по општа медицина, кој раководи со една од најфреквентните ординации во општина Валандово.

Прашан дали состојбата ќе продолжи да се влошува доктор Стојчевски, оптимистички изјави дека доколку продолжат да се почитуваат препораките за заштита, бројката на новозаболени ќе опаѓа, а најлошото е зад нас.

Според доктор Стојчевски, најголем проблем во Валандово претставуваат семејните собири, но, не може да се занемари и бројот на заразени лекари како и медицински и технички персонал во Здравен дом – Валандово, како и шивалните.

Во моментов целосно не работи одделението за радиологија при здравниот дом во Валандово, а со редуциран капацитет работи лабораторијата.

Според Венко Филипче, министерот за здравство, состојбата на ниво на држава е сериозна, а болничките капацитети забрзано се полнат.

Резултат на ова се поднесените предлози до Владата која на денешната седница ќе одлучува дали ќе има ограничување на работното време на сите економски оператори до 23 часот, ограничување на капацитетот во јавниот превоз до 50 проценти, а за прв пат во историјата на Македонија дадена е и препорака до целата државна и јавна администрација, препорака до општините и судовите, согласно механизмот на работа, работниот процес да се одвива во смени или онлајн од дома, или пак редуцирано со систем на ротации.

Коментари


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.