СООПШТЕНИЕ
За јавноста од страна на Советничката група на ВМРО – ДПМНЕ
Почитувани граѓани на Општина Валандово,
На вчерашната единаесетта редовна седница на Советот на Општина Валандово, Советничката група на ВМРО – ДПМНЕ на почетокот на седницата процедурално нагласи дека нарушен е Деловникот за работа на Советот, со тоа што не се запазени роковите за доставување на материјали до советниците и рокот за закажување на седници по доставување на Поканата. Таквото однесување на Претседателот на Советот на Општина Валандово покажува дека тој не се грижи за легитимноста на неговите седници и за значењето на институцијата Совет на Општина Валандово. Доколку се продолжи со ваквиот начин на работа Советничката група на ВМРО – ДПМНЕ нема да учествува во работата на Советот и ваквиот начин на работа ќе биде пријавен до соодветните институции.
Исто така градоначалниче, ЈАВНОСТА САКА ДА ЗНАЕ, а не „советничката од Конче“ како што Вие дрско ја нарековте, за новите вработувања во Општината и на кои работни позиции се распоредени истите, бидејќи некои од нив присуствуваат редовно на секоја седница на Советот а уште не и се претставени на јавноста.
Во врска со Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Валандово за извештајниот период за квартал 01.01.2018 година до 31.03.2018 година Градоначалникот не сакаше да го признае претходното добро работење на општината и дека наследи парични сретства во Буџетот во износ од 26.051.326 денари со кои што може да реализира големи капитални проекти за општината, и со самото тоа што наметна тензична атмосфера докажа само дека не се моќни да зборуваат пред фактите и бројките.
Во образложението за извршувањето на Буџетот на Општина Валандово за првиот квартал стои дека приходите се остварени во износ од 43.419.623 денари или 16,12% од планираните за истиот период. Во истиот период во 2017 година, остварувањето на приходите споредбено изнесува 50.369.139 денари или 16,54%, што генерално дава слика дека во работењето на општината во поглед на прибирањето на приходите нема голема разлика. Но, ако се има во предвид дека во тековната 2018 година, во донациите од странство во реализација стојат 3.718.764 денари, а истите се однесуваат на средства вратени за проект сработен од претходната власт и може да се каже дека тие средства не ја одразуваат конкретно реализацијата на приходите во овој квартал, тогаш бројките говорат дека процентот на реализација за првиот квартал во 2018 година изнесува 14.74% што веќе кажува дека општината е многу попасивна споредено со претходната година во овој квартал. Дополнително, постои разлика и во делот на моменталното опкружување во работењето, односно овие бројки во 2017 година се остварени во предизборен период кога активностите се во мирување, и во 2018 година кога постои една порелаксирана состојба во работењето.
Потфрлување постои во основниот буџет, во прибирањето на сите видови планирани приходи и трансфери за кварталот и најмногу во делот на донациите, каде ако се земе предвид дека прикажаните 3.718.764 се вратени средства по проект од минатата година, се заклучува дека реализацијата во 2018 година е 0 денари, односно отстапувањето со 2017 година не е 63,21% туку 100%.
Во излагањето на директорот на ЈП Комунален сервис видовме дека претпријатието уште се држи во добра финансиска кондиција и дека сите тези за задолженост кои беа претходно презентирани им паѓаат во вода, но очигледно е дека градот и околните населени места почнуваат да се дават во смет. Срамно е за еден директор на јавно претпријате да не ги почитува законските прописи кои ги следуваат работниците и да вели дека истите се заштитени како „мечки во национален парк“ и затоа бараме јавно да им се извини.
Исто така како еден од политичките адути на Советничката група на СДСМ во претходниот состав на Советот на општина Валандово им беше тоа дека има ГОЛЕМА ПРЕВРАБОТЕНОСТ во општинските институции а сега нивните директори поднесуваат годишни планови за вработување на 22 НОВИ ВРАБОТУВАЊА во општинските институции во 2019 година, без планираните вработувања во ЈП Комунален сервис Валандово за кои директорот рече дека дополнително ќе достави барање.
Во делот на советничките прашања до Градоначалникот, Советниците на ВМРО – ДПМНЕ го прашаа Градоначалникот дали чуствува грижа на совест и дали мисли да се извини на општинската администрација што ја нарекува катастрофална во една негова изјава за медиуми.
За крај, транспарентноста кон јавноста во работата на градоначалникот беше најважната одлика со која се наметна сегашната власт. На вчерашната седница, јавноста не виде ни „Т“ од транспарентост со одбивање да се дискутира по точките и да се одговара на советничките прашања, но затоа виде ароганција, некултура и куп навреди пред се кон колеги и луѓе кои заеднички треба да работат за доброто на општината.
10.05.2018
Валандово