Дневниот Центар за деца со посебни потреби од Валандово ја одбележа Детската недела со низа активности. Во просториите на Дневниот Центар, вчера и денес, неколку групи на деца од детската градинка „Калинка“ од Валандово и ученици од О.О.У „Јосип Броз Тито“ ги посетија дечињата од Центарот и заеднички испратија пораки за правата на децата.
Како што истакна дефектолот Весна Илова-Ташева, целта е што почесто да се вклучуваат во заеднички активности децата со попреченост и децата со типичен развој. Беа изработени и беџови со пораки за правата на децата се со цел да се подигне јавната свест.
Инаку, Детската недела се одбележува во првата полна недела од месец октомври, со низа различни активности во повеќе земји во светот.