Денеска во С.О.У „Гоце Делчев“ – Валандово се одбележува Меѓународниот ден на руралната жена. Група од 5 средношколци работат на овој проект, со нивниот координатор – проф.Елизабета Чилевска-Пандева.
За таа цел тие подготвија етно катче преку кое се потенцира улогата на руралната жена во производството на храна. Производите ќе бидат изложени во училиштето до петок, а во склоп на овој проект, утре ќе биде одбележан и Денот на гладта.
Како што вели Чилевска-Пандева, идејата за одбележувањето на овој ден дојде од професорите и дел од учениците, бидејќи валандовскиот крај е земјоделско и рурално поднебје и бидејќи училиштето има земјоделска насока. Овој ден се поврзува со Денот на гладта, бидејќи руралната жена произведува, подготвува и дава храна.
Инаку Меѓународниот ден на руралната жена за првпат почнал да се одбележува во 2008-та година, формиран од страна на Генералното собрание на ОН во својата резолуција, признавајќи ја „критичната улога и придонесот на жените од руралните средини, вклучувајќи ги и домородните жени, во подобрување на земјоделскиот и руралниот развој, подобрување на безбедноста на храната и искоренување на руралната сиромаштија“.