Евроамбасадорот Самуел Жбогар, заедно со градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов ја посетија Детската градинка “Калинка” и направија увид во реализацијата на проектот за реконструкција на истата, во енергетско ефикасен објект.
Овој проект финансиски е поддржан од ЕУ преку ИПА фондовите за прекугранична соработка, со Р. Грција. Со оваа поддршка најмалите во Валандово добиваат целосно реконструиран објект и современи услови за следење на нивниот воспитно образовен процес. Во рамки на посетата на општината, амбасадорот Самуел Жбогар го посети и манастирот Св. Ѓорѓи каде имаше можност да се запознае со вредноста на овој духовен објект и да се информира за неговото историско значење за граѓаните.
Општина Валандово, редовно ги користи фондовите на ЕУ и благодарејки на овие средства реализира повеќе проекти во општината. ЕУ отвара перспективи за нашата општина и креира нови можности за граѓаните. Општина Валандово е целосно отворена за соработка и е подготвена да ја искористи секоја можност, која значи напредок и развој. Во општината има вредности и квалитети, кои можат да бидат конкурентни во светот, потребни се само отворени граници и слободен пазар. Сето она, што ЕУ значи и го нуди.