Eкстракт направен од кората на калинката, би можел да биде штит кој ќе го спречи навлегувањето на вирусот Covid 19 во организмот на човекот. Овој екстракт во лабораторија се покажал ефикасен, а тоа дополнително треба да го потврдат и клиничките испитувања.
Калинката, која е едно од четирите библиски растенија и која уште е наречена „еликсир на младоста“ би можела да помогне во превенција од корона вирусот, покажало истражувањето направено во Медицинскиот факултет во Бања Лука од страна на тим составен од деканот на факултетот Ранко Шкрбиќ, неговиот колега Реља Суручиќ од Катедрата за фармакогнозија и Биљана Тубиќ од Катедрата за фармацевтска хемија.
Овој факултет, уште пред две години во соработка со Институтот „Др. Јосиф Паниќ“ од Белград започнал да прави сериозни истражувања со екстрактите од калинка.
– „Станува збор за екстракт кој се добива од кората на калинката која најчесто се фрла. Нашите баби ја сушеле таа кора и од неа правеле чај за децата кога имале дијареа. Потврдено е дека екстрактите добиени од кората на калинката имаат антибактериски дејства и така започна се. Екстрактот почнавме да го применуваме кај пацинетите кои имаат дијабет тип 2 и се покажа дека препаратот ја намалува маснотијата и шеќерот во крвта, го подобрува крвниот притисок и делува антивоспалително. Со таа студија беа опфатени околу 60 пациенти и резултатите беа извонредни“, раскажува Шкрбиќ.