Алармантна состојбата со водата за пиење од водоводот во Балинци

Водоводот во село Балинци, кој од неодамна е под ингеренција на Јавното претпријатие – Комунален сервис од Валандово, најмалку два пати годишно, поради таложење на механички нечистотии во цевките, секнува.

Од видеото, кое пристигна до нашата редакција, се забележува дека водата која протекува низ цевките на водоводот во Балинци, посебно во деновите кога се врши интервентно чистење на истите, е механички неисправна.

При контакт со лица од Месната заедница во Балинци, беше потврдена автентичноста на видеото. Од таму не информираа дека од лабораториските испитувањата на водата, кои ги врши Центарот за јавно здравје од Струмица, водата физичко-хемиски и микробиолошки била исправна. Сепак, анализите, веќе подолг период, не стасуваат до нив.

Како што неретко ги известуваат мештаните, непознати лица доаѓаат и земаат примероци за испитување на водата од чешмите во дворовите во Балинци, но, неизвесноста со исправноста на водата останува проблем за Балинчани.

Од тамошната Месна заедница во неколку наврати праќале барање до Општина Валандово за изградба на нова бушотина за вода, но за решавање на долгогодишниот проблем до сега многу малку е направено.

Со превземањето на водоводите од Бојмискиот регион, од страна на јавното комунално претпријатие од Валандово, жителите на трите населени места, Брајковци, Балинци и Марвинци, очекуваат истото да се заложи за квалитетот на водата за пиење, но, не се оптимисти дека тоа ќе се реши наскоро.

Видниот песимизам, при нашата посета на Балинци, го оправдуваат со примерот на Јосифово, кое иако е веќе комплетно превземено од Комуналниот сервис, немаат исправна, или имаат вода за пиење со многу низок квалитет.

На една од Седниците на Советот на Општина Валандово, советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Пандев, им забележа на Градоначалникот Костадинов и директорот на Комуналниот сервис дека немаат предвидено средства за унапредување на состојбата со комуналиите, а целиот трансфер на надлежностите кон јавното претпријатие ќе значи само дополнителни давачки за населението, за услуги со истиот, лош квалитет.

Директорот Владимир Павлов, при своето излагање пред Советот на Општина Валандово, обзнани дека претпријатието е во незавидна финансиска состојба, но, се надева дека состојбата позитивно ќе се менува.

Проблеми со водата за пиење има и во градот Валандово. Покрај дотраената водоводна мрежа од азбесни цевки, се погласни се шпекулациите дека водата е контаминирана со тешки метали, т.е. шестовалентен хром.

Коментари


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.