Може да здивнеме, годинешниов „Фолк Фест“ беше успешна приказна

На почеток се чинеше дека фестивалот стои на стаклени нозе.

Се започна со промената на локалната власт и желбата на новата да го врати фестивалот „Фолк Фест“ Валандово во својот вообичаен термин, месец мај. По позитивните реакции за иницијативата за промена на терминот, локалната власт немаше простор за маневар. Оваа одлука ги чинеше „само“ половина година, период за лагодна организација, а уште повеќе за враќање на стариот сјај на фестивалот.

За работите да станат покомплицирани, пропадна и конкурсот за избор на директор на фестивалот. Решение се гледаше во формирање на „Организацискиот совет“, ново тело, кое во недостиг на директор, требаше да ги превземе неговите овластувања. Ова се чинеше и најголемиот извор на скепса. За членови на советот беа избрани пејач, музички аранжер, композитор и културен работник. Тоа се секако составни делови на еден фестивал како валандовскиот, но како и што гласи називот на телото, „организациски совет“, можат единствно да имаат комплементарна советодавна функција на функцијата директор на фестивалот, кој пред сé треба да биде менаџер со одлични маркетерски и тв продукциски способности.

И почна филмот за организација на фестивалот во мај, со новиот организациски совет аминуван од Советот на Општината, на само четири месеци пред закажаната дата т.е. 24-ти и 25-ти мај.

Почетокот беше прилично анемичен. Прес конференцијата на која се презентираше Организацискиот совет изгледаше убиствено лошо. Со оние стуткани портокалови прекривки со црно лого, во комбинација со „candy“ и „раста“ банери, во најмала рака изгледаа несериозно. Иако медиумите пишуваа за таа прес-конференција, верувајте дека со голема резерва ги објавувале фотографиите, стравувајќи за иммиџот на сопствениот медиум. Потоа се објави и брендингот на фестивалот со „сток“ фотката од калинка, купена најверојартно 10 американски долари, што од старт ги срозе очекувањата.

Како и секоја година, при актуелизацијата на фестивалот, гласни станаа и прашањата дали на Валандово му е потребен толкав настан, од кој, нема никаков економски фидбек. Категорично да! Констатациите дека фестивалот е добар ако и само ако врати со финансиски бенефит е премногу линеарно гледање на работите. Фестивалот има и промотивна нота која не е моментално мерлива. Во денешно време, како и компаниите и брендовите така и градовите и државите се рекламираат пред потенцијалните инвеститори. А кога да им го покажеме Валандово, на оние кои никогаш не биле овде, ако не во периодот на одржување на фестивалот, кога градот е најубав. Покрај промоцијата, фесивалот работи и во насока на еманципација и социјален развој на локалното население, кое во текот на годината се соочува со сериозен недостиг од културни настани. Трето, како и за целата нација така и за валандовчани фестивалот е битен и да ја одржи традицијата, која е врската помеѓу генерациите, што пак создава чувство на припадност. И плејада други позитивни придобивки. Можеби наместо да се убедуваме колку ни е непотребен, многу покорисно би било како колектив да работиме на оптимизацијата на фестивалот, т.е. да ги намалуваме општинските вложувања, а да го зголемуваме профитот од истиот, а патем да го направиме секој фестивал подобар од минатогодишниот.

По затишјето во организацијата на фестивалот следуваше и прес-конференцијата во Клубот на пратеници во Скопје. Најверојатно преплашени од портокаловите банери, но пред сé поради неумешниот ПР на фестивалот и покрај присуството на Министерот за култура, потфрли присуството на медиумите. Се чинеше дека пораката за враќање на стариот сјај на фестивалот не допира до нив. По начинот на кој неконтролирано циркулираа информациите низ медиумите се крена и прашањето дали воопшто некој работи на промоцијата на фестивалот. Пасивно се чекаше МИА да извести за конференцијата, за да одреден број на национални медиуми, корисници на услугите на информативната агенција, ја превземат веста.

На конференцијата за медиуми во Скопје беше презентирана програмата на фестивалот, селекцијата на композиции кои ќе се појават на фестивалот, новиот начин на гласање и значително намалениот награден фонд. Иако ПР тимот на фестивалот продолжи да потфрла, конечно се почувствува дека организаторот сеуште држи поголем дел од конците в рака.

На тапет кај дел од јавноста се најде одлуката на втората натпреварувачка вечер, со свое шоу, да настапи истакнатата пејачка од Босна и Херцеговина, Ханка Палдум. Генералната замерка беше дека на фестивал за македонска народна музика нема потреба од настап на босански изведувач. Што пак е очекувана реакција на еден типичен несигурен балканец и конкретна нус појава од недостигот на културни манифестации, кои покрај нашата ќе не доближат и до културите на оние околу нас, во обид за градење на взаемна почит.

Неколку дена пред фестивалот почнаа и пропратните промотивни настани кои требаше да креираат „hype“ околу фестивалот. И повторно ПР грешки. Покрај оправданиот настап на КУД „Гоце Делчев“ и „Распеани валандовчани“, брендот „Фолк Фест“ беше поистоветен со млад локален бенд и „забава под јаворот” со фолкфестовски рефрени :). Не се проблем учесниците, туку очигледната неспособност на организаторот да сфати колку е значаен брендот „Фолк Фест“ и нивото на нега кој го заслужува.

Конечно се довлечка и 24-ти мај наменет за ревијалната фестивалска вечер.

На самиот ден, веќе очекувано, повторно проблеми со ПР раководството на фестивалот т.е. недостигот од истиот. Екипата на Valandovo.mk и покрај акредитацијата за настанот беше протерана од генералната проба. Се чувствуваше страв од грешки кај организаторот, затоа и решивме доброволно да ја напуштиме салата „Јанко Узунов“.

На самата ревијална вечер веднаш се забележа отсуството на поедини личности кои активно делуваат на локалната политичка сцена, но бојкотираат културни настани поради ситни партиски каприци што е поразително и треба да биде предмет на потсмев и остра критика.

И онака небитна, ревијалната вечер помина задоволително. Иако салата не беше исполнета до крај, новиот водителски пар успеа да создаде опуштена, а на моменти и преопуштена атмосфера. Но, се беше во знакот на македонската народна музика и најизведуваните композитори на фестивалот.

Започна и втората натпреварувачка вечер. За почеток повторно проблеми со екипата на valandovo.mk и нејзиното присуство во таканаречената „Зелена соба“ во бекстејџот на фестивалот. Но, овојпат решивме да ги игнорираме прозивките да го напуштиме Домот на културата.

Иако се чини дека шансите за успешна фестивалска вечер се стопени, постоеше трунка резервиран оптимизам дека целиот труд на организаторот, по чешлање на пропустите од првата ревијална вечер, конечно ќе вроди со плод. И токму тоа се случи. Водителскиот пар, сега со построго сценарио, го држеше фестивалот под контрола. Изведувачите еден по еден излегуваа пред полната фестивалска сала во Валандово. Аудио и визуелниот впечаток беа на задоволително ниво. Успешно заврши и гласањето за победниците. А шоуто на Ханка Палдум, кое се случуваше во меѓувреме, беше вистински хит. За победник беше избрана композицијата „Горда мајка“ на валандовчанката Благица Калева, одлука која беше дочекана со громогласен аплауз од публиката. Наградата на сцена и ја додели Градоначалникот Перо Костадинов.

Фестивалот заврши успешно.

Дали му се врати стариот сјај?

Најверојатно не. Оној кој мисли дека може да се врати сјајот од 80 и 90-те е во конфликт со реалноста.

Како податок можеби е и добро да се спомне дека песната „Горда мајка“ на Благица Калева, објавена на Фејсбук профилот на valandovo.mk брои речиси девет илјади прегледи за четири дена, што е трипати повеќе од прегледите на минатогодишниот победник на YouTube. Тоа што треба да биде и примарна задача на фестивалот, да создава квалитетни песни кои долго ќе останат на сцената, беше успешно завршена.

Столе К.

Коментари


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.