Во Македонија, првите децении на дваесеттиот век, особено во валандовскиот и гевгелискиот крај, биле облежани со интензивно производство на свила.
Во овие региони речиси немало семејство кое не го произведувало овој скапоцен материјал, а ја откупувале трговци од разни краишта на Европа.
За интензивното производство на свилата и одгледувањето на свилената буба кај нас, многу придонел лесниот процес на производство и големиот приход за семејствата, како и достапноста на единствената храна со која се хранеле бубите, белата дудинка.
Без разлика дали луѓето се занимавале со некоја друга дејност како главна, тие задолжително се занимавале и со свиларство, односно, бубарство.
Во тоа време убавите ризи, прекривки и делови од облека, биле изработувани од коприна или памук, односно сурова природна свила, без никаква преработка.
Се употребувала веднаш по извлекувањето на нишките од кожурците. Таквите ткаенини биле наменети за дарување при разни семејни свечености.
Старите занаетчии свилата ја обработувале на неколку начини. Еден од начините во домашни услови било и варењето на коприната. Со таа постапка се добивала сјајност и мекост на свилата. Кога вака преработената свила се преработувала во комбинација со суровата свила, односно коприната, се добивале многу интересни ефекти што давале необична префинетост во изработката.
Свиларството односно одгледувањето на свилената буба во Македонија, а и Валандово, згаснало некаде во 70-те години на 20-от век.
Семејствата полека се откажале од гаење на свилени буби од повеќе причини. Една од нив е и навлегувањето на евтините синтетички материјали.
Од сеќавањата заминале и големите капацитети за производство на свила и свилени производи.
Денес одгледувањето на бубите е речиси заборавена работа. Сепак постојат ентузијасти кои сеуште се заинтересирани за традиционалното производство на свилата.