Викендов по 19-ти пат во Валандово се одржа „Валандовска ракијада“. Годинава за првпат, оваа манифестација имаше дводневна програма и започна во сабота а дел од програмата беа натпревар во табла, трка на келнери, натпревар во пиење вино, правење коктели со традиционални производи од Валандово и концерт на Bad Obsession.
Утрово на градскиот базен се одржа традиционалната манифестација на варење ракија која го симболизира завршетокот на гроздоберот и на која учествуваа околу 40-тина производители на ракија. Тие ги претставија нивните начини и техники за производство на традиционална македонска ракија. Најдобрите добија и награди.
Освен варењето ракија, на ракијадата беа поставени и штандови со органски земјоделски производи од Валандово. На оваа манифестација присуствуваа градоначалникот на општина Валандово – Перо Костадинов, премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство – Љупчо Николовски.