Синоќа во Домот на култура „25-ти мај“ – Валандово, беше промовиран романот во писма на професорката Весна Мојсова-Чепишевска и Елена Атанасиу – две пријателки чии писма по електронски пат патуваат на релација Македонија – Америка и се собрани во една книга насловена „101 живот“.
Романот ги опфаќа приказните кои двете пријателки си ги раскажуваат една на друга во нивното допишување и преку нив се навраќаат на спомените од минатото, спомените за домот и семејството. Писмата изобилуваат со емоциите на двете писателки, кои во најинтимните моменти меѓусебно си ги споделуваат чувствата, проблемите и радостите кои им ги носи животот.
На промоцијата гостите ги поздравија директорката Љилијана Нанова и библиотекарката Бранка Стојанова, која низ разговор со Мојсова-Чепишевска ја промовираше книгата. Писателката пак, истакна дека во овие писма ќе се пронајде секој читател, без разлика дали ќе одбере да ги чита по редослед или не.
Весна Мојсова-Чепишевска е доктор на науки по современа македонска книжевност, редовен професор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, книжевен теоретичар, критичар и извонреден писател.