Синоќа, на градскиот плоштад настапи едно од најомилените музички имиња во Македонија, кога е народната музика во прашање. Младиот и талентиран Ѓоко Јовиќ, кој потекнува од валандовско, успеа на плоштадот да ги собере генерациите од 7 до 77 години.
Преполниот плоштад, а посебно најмладата публика, во еден глас со Јовиќ ги пееја најголемите хитови од фолкфестовската историја како и песните од неговиот последен албум.
Ѓоко Јовиќ на валандовската публика и се претстави далечната 2006-та година со песната „Црвена вишна“, која е музичко дело на еден од основачите на фестивалот, Леонид Манчев, а текстот на овогодинешниот водител Ѓорги Калајџиев. Како дебитант, Јовиќ таа година ја понесе и првата награда на фестивалот.
Вечерва забавата на плоштадот во Валандово продолжува со момците од „Астра Бенд“ и талентираната Пепита Маринкова, како дел од фестивалската оф-програма.