Погледнете што сѐ уредува Одлуката за комунален ред изгласана на последната седница на Советот

На последната седница на Советот едногласно беше изгласана Одлуката за комунален ред која предвидува прописи за воведување на ред во комуналната сфера кои досега не беа правно уредени и како што рекоа советниците во Советот на Општина Валандово решаваат долгогодишни проблеми на населението.

За почитување на одредбите од оваа Одлука ќе се грижи Овластен комунален инспектор на Општина Валандово кој согласно своите надлежности може да опоменува, но и да тужи граѓани на општината.

Со Одлуката се пропишува комуналниот ред во Општина Валандово, во рамките на надлежностите, односно работите од јавен интерес од локално значење на Општина Валандово, какви што се уредувањето на населбите и градот, уредувањето, одржувањето, чистењето и користење на парковите, зелените и рекреативни површини, одржувањето и користењето на јавните површини, отстранувањето на противправно поставени и оставени предмети, услови за чување на животни и домашни миленици во дворни места на колективни и индивидуални станбени објекти, начинот за одржување на чистота во дворни места, места на колективни и индивидуални станбени објекти. начинот на одржување и чистење на одводни отворени канали, речни корита и изградба и одржување на септички јами, дезинсекција, дезинфекција и дератизација и мерки за спроведување на одредбите од одлукатa.

Според оваа Одлука не е дозволено противправно поставување и оставање на предмети на јавните површини на подрачјето на Општина Валандово. Противправно поставени и оставени предмети, се отстрануваат

Противправно поставени и оставени предмети, во смисла на оваа одлука, се предмети што без одобрение на градоначалникот на Општина Валандово се поставени и оставени на јавни површини, на објекти на комунална инфраструктура и урбана опрема, и тоа (ротациони) сталаци за продажба на весници, списанија, CD и друг печатен или снимен материјал, колички за продажба на брза храна, апарати за пуканки, крофнички, шеќерна волна и сл., фрижидери за сладолед и пијалоци, статични и подвижни тезги, корпи, гајби и друга амбалажа, направи за печење и варење костени и пченка, други апарати или направи во функција на вршење на дејност, реклами, патокази, плакати со огласи и соопштенија и сл., бетонски/метални столбчиња и друг вид пречки и блокатори, жардињери и сл., градежен материјал и отпадоци од градежен материјал (градежен шут), мобилни тоалети, стари апарати и предмети од домаќинствата, санитарии, мебел други слични предмети.

На земјишта и објекти што се со поглед кон улица или плоштад не е дозволено оставање на предмети што со изгледот и поставеноста го нарушуваат општиот изглед на улицата и населбата (стари апарати од домаќинствата, санитарии, мебел, корпи, гајби и друга амбалажа, градежен материјал и градежен шут и други слични предмети).

На подрачјето на Општина Валандово со оваа одлука се забранува чување, терање, напасување и хранење на животни и живина и пчелни семејства.

Заради безбедност на граѓаните пчелните смејства и фармите за ситна и крупна стока и живина не смеат да се постават/изградат на оддалеченост не помала од 500 метри од градежниот опфат.

Кучиња и мачки, како домашни миленици, можат да се чуваат во стан, во колективен или во индивидуален станбен објект. Се забранува чување и држење на куче или мачка на балкон, тераса или лоѓија што припаѓаат на станот, без непосредно присуство и надзор на нивниот сопственик.

Домашните миленици можат транзитно да ги користат заедничките простории (скали, ходници) само доколку се на поводник и под непосреден надзор на нивниот сопственик.

Куче кое се чува во двор, се чува во посебен објект. Објектот за чување на куче мора да биде оддалечен најмалку 3 метри од најблискиот станбен или деловен објект на соседната парцела и од
регулационата линија на јавната површина.

Ако кучето се чува во двор, дворот мора да биде ограден и на видливо место да има поставено табла со цртеж и натпис со кој се предупредува на присуство на кучето, а на влезот во дворот мора да има звоно.

Во дворните места се забранува оставање, складирање односно собирање на каква било амбалажа, кабасти предмети од домаќинството, градежен и друг отпад и какви било други предмети што предизвикуваат нагрдување на изгледот и неуредност на просторот.

Во дворните места што се со поглед кон улица или плоштад, не е дозволено:

  • тревата да биде повисока од 10 см
  • да се засадуваат овошни дрвја чии плодови ја валкаат јавната површина
  • гранчињата на украсните и жбунести растенија да ја преминуваат регулационата линија на јавната
  • површина и да пречат на безбедноста на сообраќајот и движењето на луѓето.

Согласно Одлуката, во населените места на подрачјето на општината во кои нема изградена канализација за отпадните води, отпадните води, односно фекалиите се испуштаат задолжително во септички јами.

Септичките јами не смеат да бидат отворени, треба да се бетонирани, водонепропустливи и добро заштитени. Истите треба да бидат оддалечени од станбените простории, односно објекти на соседите
најмалку 10 метри, а од водоснабдителните објекти најмалку 15 метри. Доколку површината на просторот на дворните места е помала и не можат да се исполнат условите од претходниот став, септичките јами можат да бидат и на помало растојание оддалечени од објектите на соседите кое не може да биде помало од 6 метри.

Септичките јами треба редовно и хигиенски да се одржуваат и не смеат да се празнат на јавните и сообраќајните површини, ниту во отворените канали за истек на атмосферските води.

Во продолжение е целиот текст на одлуката.

Odluka-za-komunalen-red

Коментари


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.