Што треба да знаете за новиот експресен пат од Струмица преку Валандово до автопатот А1

Со изградбата на автопатската делница од Демир Капија до Смоквица, општина Валандово ја изгуби поврзаноста со паневропскиот меѓународен коридор 10.

Ваквата состојба треба да ја промени новиот експресен пат кој ќе го поврза градот Струмица и автопатот А1, минувајќи покрај Валандово.

Експресниот пат, кој во моментов се наоѓа во фаза на проектирање, ќе почнува од излезот на Струмица кај клучката кон с. Куклиш, а завршува кај Марвинци со клучка кон автопатот А1.

Од целата должина од околу 25 километри, нешто повеќе од 16 километри ќе биде на ниво на регионален пат, т.е. делницата 1, од Струмица до Костурино и делницата 2, од Костурино до Валандовско поле, а остатокот, од крстоцницата кон Дојран до клучката кај Марвинци на ниво на експресен пат.

Делница 3 и 4 од експресниот пат Струмица – Валандово – Автопат А1

Делницата од Струмица до Костурино ќе биде реконструирана со изведба на дополнителна лента во ширина од 3 метри. Коловозот ќе биде со ширина од 6,5 метри, а максималната дозволена брзина на овој дел ќе биде од 70 до 80 километри на час.

Трасата од Костурино до Валандовско поле, која се смета за клучна, проектирана е со ширина од 9 метри и максимална дозволена брзина од 80км/ч. Истата ќе го следи фиктивното корито на Сува река, кое се движи источно од досегашниот регионален пат кој минува низ Валандовско брдо, до нејзиното влевање во Анска река. Овде, во близина на излезот кон село Собри од регионалниот пат Р1105 кон Дојран, ќе биде изградена нова раскрсница во форма на несиметрична полудетелина.

Експресниот пат ќе поминува јужно, под Валандово, каде е предвидена спојка кон градот со раскрсница со кружен тек. Делницата 3 ќе се движи периферно од Валандпвско поле по подножјето на околните ридови, јужно од селата Балинци и Брајковци, а северно од селото Марвинци.

На овој дел од новиот експресен пат максималната дозволена брзина ќе изнесува 110 километри на час.

Приклучувањето со автопатот А1 кај Марвинци ќе биде изведено со раскрсница во форма на труба.

При реализацијата на проектот ќе бидат изградени или реконструирани 34 мостови, подпатници, надпатници и вијадукти на предметната траса.

Во моментов двете општини меѓусебно се поврзани со регионалниот пат Р1401, трасиран и изграден од пред 50 години. Постојниот пат е лоциран од Струмица, преку Валандовско брдо и Валандовско поле до Валандово. Овој пат воедно претставува основен сообраќајен пристап до поширокиот регион, кон Берово, Дојран, Гевгелија.

Коментари


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.