Државната изборна комисија ја потврди победата на Перо Костадинов на Локалните избори. Костадинов е реизбран за градоначалник во првиот круг, со 3.798 гласови, наспроти 2.455 гласови кои ги доби неговиот противкандидат, Тони Узунов.
Покрај 3 изборачки места, во Грчиште, Собри и Прстен, СДСМ и коалицијата победија во сите останати. Резултатот беше нерешен единствено во Грчиште, додека во Прстен и Собри победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Најголема разлика во гласовите е забележана во село Калково, или 197 наспроти 16 во корист на Перо Костадинов, што претставува 92.5% од вкупниот број на гласови.
Излезноста пак најголема била во село Собри, или 85%, додека најмал одзив е забележан на избирачкото место во село Прстен. Доколку се земат в предвид сите избирачки места излезноста е намалена за нецели 7%.
Поддршката на СДСМ и Перо Костадинов во градот Валандово е намалена, со тоа што разликата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на изборите во 2017 година е преполовена или помала за речиси 50%, од 536 на 273 гласови.
Разликата е уште помала кога се гласовите за Советнички листи во прашање. Па така, во 2017, во градот Валандово, разликата помеѓу двете најголеми македонски партии била 482 гласа, а овие избори 180, или намалување од 63%.
За разлика од градот Валандово, предноста на СДСМ во однос на ВМРО-ДПМНЕ во селата е зголемена, на што и се должи речиси идентичната разлика остварена на 17. месецов во однос на изборите пред четири години.
Според освоените гласови на листите на кандидати за членови на совет на Општина Валандово, Коалицијата ,,НАЈДОБРОТО ЗА МОЈАТА ОПШТИНА“ предводена од СДСМ освои 9 советнички места, ВМРО-ДПМНЕ И КОАЛИЦИЈАТА „ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА“ освои 6 советнички места, Политичките партии ЛЕВИЦА и Единствена Македонија не освоија ниту едно советничко место.