Од индустриските производители на храна, 13 компании се на листата најголеми извозници од Македонија, со вкупен извоз од 92 милиони евра минатата година. Најбројни меѓу нив се компаниите од кондиторската индустрија, односно трите најголеми извозници на прехранбени производи од Македонија се од кондиторската индустрија, која во последниве неколку години направи вистински извозен пробив во регионот и светот и една од индустриите кои и носат најголем нето извозен ефект на државата.
На листата 13 најголеми извозници на магазинот „Капитал“ се најдоа и две компании од Валандово. „Дим Комерц“, компанијата која се занимава со производство и преработка на конзервирани производи од овошје и зеленчук, како и „Фенси Корнер Цопанелис“ фабриката за производство на кроасани.

Овошјето и зеленчукот се убедливо најизвезуваните прехранбени производи од Македонија последниве пет години, покажуваат податоците на НБРМ, базирани на официјалната државна статистика: во 2017-та година, на пример, извозот на овошје и зеленчук е 150 милиони евра, што е половина од вкупниот извоз на храна, вреден 307 милиони евра. Извозот на овошје и зеленчук е помал вредносно за 12,2% минатата година во однос на 2016-та. На второ место е извозот на жита и нивни преработки, како поширока категорија што ја евидентира НБРМ, во којашто влегуваат и кондиторските производи, со износ од 72,3 милиони евра, или пораст за шест милиони евра за една година.