И покрај врнежливата сезона, редовно се врши наводнување на земјоделските посеви на југоистокот од земјава – ова денес беше потврдено од страна на подружницата „Јужен Вардар“ од Гевгелија, која инаку се грижи за наводнување во општините Гевгелија, Богданци и Валандово.
Со системите за наводнување преку хидромелиоративните системи Конска Река, Паљурци и Валандово, се наводнува земјоделско земјиште на површина од 3.021 хектар во сопственост на 1.192 корисници кои потпишале договори со гевгелиската подружница на АД Водостопанство на Р.Македонија.
Според директорот Ристо Ѓуров, пред почетокот на сезоната извршени се сите неопходни подготовки, пред се контрола на системите за наводнување, при што, беа отстранети сите дефекти. Исто така, извршени се и чистење на каналската и цевководната мрежа и на браздите во дожина од 260 метри. Целосно се исчистени и бетонските и главните канали на ХМС Конска Река во должина од 570 метри, на ХМС Удово во должина од 950 метри и на браната Паљурци.
Ѓуров додава и дека со цел да се овозможи редовно и навремено наводнување на посевите, за време на сезоната санирани се и бројни дефекти на мрежата за наводнување.