Пред некој ден во Скопје беше презентирана новата колекција на „Занов“ на дизајнерот со валандовско потекло, Мите Занов. На колекцијата беа претставени модели за сезоната есен-зима 2018/19.
Ова можеби е и најпровокативната колекција од „Занов“ досега. Она што доминираше во колекцијата се трендовските вивидни топли бои кои се скротени со карираните елементи што го отсликуваат сезонското во моделите.
Низ колекцијата се чувствува слободниот моден израз на дизајнерот, кој користејќи латекс и кожа, во комбинација со тул, храбро ја дистанцира колекцијата од секојдневната жена, а со високите чизми со иновативната употеба на урбани принт апликации и уникатните силуети силно сугерира дека зимската гардероба не смее да биде досадна.
Можноста во живо да ја погледнат ревијата ќе имаат и валандовчани. „Занов“ за 12-ти јануари најави специјално модно шоу во Валандово, кое би требало да биде 100% валандовско, што подразбира валандовска мода претставена од валандовски манекенки пред валандовска публика.