Што за земјоделците од валандовско ќе значи инсталацијата на агрометеоролошките станици?

На последната седница на Советот на Општина Валандово, беше донесена и одлука за поставување на агрометеоролошките станици со одобрување на средства за нивно одржување.

Се работи за грант од Швајцарската амбасада преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – прва фаза“, во висина од 90.000 франка, со кој во целиот југоисточен регион ќе бидат поставени такви станици со соодветен софтвер за следење на состојбата со земјоделските култури кои се најраспространети на територијата на одредена општина.

Со помош на оваа технологија, како што појасни советникот Димче Балески, земјоделците ќе можат во секој момент да ги следат состојбите на посевите на своите паметни телефони и да дознаат кои болести, во кој ден ќе се појават, како можност земјоделците навремено да прскаат и успешно да ја превенираат болеста.

Во општина Валандово за почеток ќе бидат поставени три вакви агрометеоролошки станици со софтвер кој ќе ги следи болестите пламеница и пепелница кај лозовите насади.

Со ова, како што појасни советникот, значително ќе се намали бројот на прскања, па наместо седум до осум прскања, земјоделците ќе можат да ги заштитат своите псоеви со само две до три прскања.

Советникот Митко Занов во дискусијата на оваа точка посочи дека на земјоделците треба да им се појасни дека информациите од овие станици имаат советодавна функција, а секој земјоделец треба на своја рака да управува со овие податоци.

Општина Валандово во проектот ќе учествува со овозможување на интернет конекција за агрометеоролошките станици и компјутер – сервер нa кој ќе пристигаат и ќе се обработуваат информациите од станиците, а оттука податоците ќе се дистрибуираат до паметните телефони на земјоделците.

 

Коментари


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.