Здраво Александра. Ние во редакција ве следиме уште од самите почетоци. Од фамозната интерпретација на „Nobody’s Perfect“ на Jessie J, со која буквално ја фрливте публиката во неверување. Тоа, благо кажано, беше иреален момент. Вистинско освжување. И ви благодариме за тоа. 🙂 Публиката живее за такви моменти, кои се сè поголема реткост.
Од тој настап сме ваши најголеми фанови и активно навиваме за вас каде и да се појавите. Своевремено водевме и вжештена кампања на социјалните медиуми да бидете наша претставничка на Евровизија, но, тоа засега ќе го оставиме настрана.
Очекувано, оттогаш се случија и голем број на хитови и две победи на Макфест.
Valandovo.mk: Го допревте ли врвот на македонската музичка сцена? Ги чувствувате ли стегите на релативно малиот македонски пазар? Постојат ли амбиции и планови за пробив на интернационалната сцена?
– На сцената сум шеста година и сè уште се чувствувам нова и млада, од ден на ден само малку поискусна. Мошне полесно е да се живее по патот кон некој врв утврден од општеството, отколку да се биде на врвот и да се задржиш таму. Дефинитивно, јас сум сè уште по патот кон успехот кој го посакувам. Допрва ќе почнам да покажувам нови музички и воопшто уметнички идеи на македонската сцена. Секој што работи во оваа професија мора да знае дека се соочува со мал пазар, но проблемот е што многумина го земаат тоа како свој изговор. Уште од старт си поставуваат ограничувања и негативно мислење за функционирањето на македонски пазар. Може да се работи и во Македонија, но има место само за најдобрите, највредните и најупорните. Најпрво, сакам да ги остварам моите амбиции и предизвици на домашната сцена, а дај Боже да продолжи приказната и на интернационална сцена.
Valandovo.mk: Несомнено ваш најголем адут е вонсерискиот вокал. Во „Бам Бам“ покажавте дека одлично се справувате и со ритмички песни. Каде се движи Александра. Што следно можеме да очекуваме на музички план?
– Ако во текот на првите пет години од мојата кариера, публиката можеше да ме гледа на секој втор фестивал, пеејќи евергрин мелодии, наредните пет години тоа нема да биде така. „Бам бам“ е нешто што подолго време го криев од јавноста и излезе во период кога одлучив дека е време за една нова насока. Време е македонските пејачи да бидат модерни, артистични, забавни и повторно да го стекнат вниманието од домашната публика. Почнав да работам во најтешките години за нашата сцена, но драго ми е што работите се придвижуваат кон подобро. За неполн месец ќе објавам комплетно нова песна, соодветно ритмична за пролет и се надевам дека ќе биде добро прифатена. Едвај чекам да ја слушнете!
Valandovo.mk: Годинава за Велигден сте во Валандово. Како изгледа велигденскиот период во вашиот дом?
– Сè поретко имам слободни денови за да се вратам во Струмица и моите вистински ми се радуваат кога конечно сум дома на два, три дена. Тогаш, тие уживаат во моето пеење по дома, а јас во вкусниот ручек! Велигденскиот период го паметам по подготовки за многу важни настапи и концерти. Пред шест години го имав првиот велигденски настап во Струмица, а со годините продолжуваше таа традиција. Во 2016, после успехот со „Врати ми го сонцето“ и „Еве ме пак“ го имав мојот солистички велигденски концерт пред публиката во Струмица која ми е најверна поддршка. Поканата и можноста да одржам концерт за Велигден во Валандово многу ми значи. Нека биде уште едно убаво продолжување на таа традиција.
Valandovo.mk: Кога сте вие во прашање, стана навика да добиваме нешто несекојдневно, нешто повеќе, надвор од границите на нашите очекувања. Ќе има ли прилика валандовската публика, во недела, вистински да го почувствува емотивниот ураган Александра Јанева? Го скроивте ли репертоарот?
– Составувањето на концертен репертоар е задача на која темелно се посветувам, затоа што статистички гледано моите песни ги слуша публика од 7-77 години. Се потрудив да ги избалансирам тие разлики и да приредам концерт со песни кои се хитовски, автентични и безвременски… Имаме слична енергија и емоција со дечките од D-ZOO и се надевам дека публиката ќе го препознае тоа и ќе ужива комплетно во нашиот избор.
Valandovo.mk: За крај, нашиот омилен сегмент, каде ви поставуваме десет прашања, а од вас очекуваме најкраток можен одговор. Одговор од само еден збор вреди милион поени. 🙂
Режија пуштај џингл, играме „10 прашања, 9 и пол одговори“.
- Со кого би снимиле дует?
- Аnne-Marie
- Омилено јадење?
- Кинеска храна
- Омилена апликација на телефонот?
- Омилена песна од вашите?
- …нова, ТBA 🙂
- UK Top 40 или Billboard Hot 100?
- UK TOP 40
- Доколку не бевте пејачка ќе бевте…?
- Глумица
- Вашиот најголем страв?
- Стаорци
- Книга или филм?
- Книга
- Вечерно излегување или Нетфликс?
- Вечерно излегување
- Омилена телевизиска серија?
- Преспав