Во 2016-та година Македонски енергетски ресурси МЕР и грчкиот систем оператор за пренос на гас ДЕСФА, во Скопје го потпишаа Меморандумот за разбирање за изградба на интерконективниот вод за пренос на природен гас Штип – Неа Месемврија, кај Солун.
Дел од овој гасовод е и магистралниот гасовод Штип – Хамзали – Струмица – Гевгелија.
Оваа делница со вкупна должина од 110 километри и со крак од 7 километри кон Гевгелија, треба да овозможи достапност на природниот гас како економичен енергенс и за општина Валандово.
Изградбата на гасоводот започна минатата година и е во тек, а ќе заврши во 2020-та година. За негова изградба Владата ќе потроши 75 милиони евра.
Сепак, како што јавува Фактор, работите на терен се одвиваат побавно од планираното, па се поставува прашањето дали ќе се достигнат поставените рокови за завршување на магистралните гасоводи до 2020-та година.
Овој магистрален гасовод е дел од Трансандолискиот гасовод (ТАНАП), со кој ќе се испорачува природен гас од полето Шах Дениз 2 во Азарбејџан преку Грузија и Турција до Европа.