Интервју кое го направивме со Симона Гетова, една од најистакнатите активистки на иницијативата „Спас за Валандово”.
Владата го поништи договорот со компанијата „Сардич МЦ“, која се јави како инвеститор во рударскиот комплекс „Казандол“. Императив на локалната еко-иницијатива беше затворање на како што го условувавте „рудникот на смртта“ Казандол. Завршена ли е борбата на „СОС Валандово“?
Симона Гетова: Граѓанската иницијатива СОС Валандово најпрвин настана со цел стопирање на работата на рудникот Казандол кој беше најголема закана не само за граѓаните на општина Валандово ами и за граѓаните на целиот југоистокот, за граѓаните на ниво на Р. Македонија, како и за граѓаните од соседните Грција и Бугарија кои граничат со југоистокот. Со тек на време, СОС Валандово започна со вмрежување и стана дел од формирањето на регионалната иницијатива против рудниците на смртта “Југоистокот против рудници” која го организира отпорот на Југоистокот против планираните екстрактивни проекти кои ја демнат цела Источна Македонија, како и дел од Балканската иницијатива Balkans against mining заедно со соборците од Грција и Бугарија. Гледајќи дека граѓанскиот отпор вроди со плод кога стануваше збор за р. Казандол, но сеуште не за следиот планиран р. Иловица – Штука, борбата на СОС Валандово е далеку од завршена. Она што го видовме е дека одлучувачките структури на локално ниво во минатото ги немаа интересите на своите граѓани како свој приоритет, па се” додека граѓаните не се интегрален дел од одлучувањето во која насока ќе се развива нивната општина и нивното најблиско опкружување, борбата нема да згасне. Моментален фокус на СОС Валандово како дел од регионалната иницијатива Југоистокот против рудници е стопирањето на р. Иловица – Штука, и донесувањето на амандманите на законот за минерални суровини со кои ќе се забрани експлоатација на минерални суровини од отворен коп со цијанид и сулфурна киселина.
Што сметате дека е основната причина за успехот во вашата борба против рудникот?
Симона Гетова: Непопусливиот граѓански отпор беше главната причина за успешното стопирање на р. Казандол. Здружувањето на граѓаните со една единствена цел за подостоинствено живеење за секој од нас е многу помоќно средство отколку што било кој од нас индивидуално може да замисли. Штом станеме свесни за тоа како граѓанско општество, одлучувачките структури од било кое ниво – локално, национално, па дури и меѓународно – ќе мораат да го следат пулсот на граѓаните од кои се поставени наместо да работат за лични, краткорочни интереси, или за интересите на големите уништувачки индустрии.
Кој е вашиот коментар на одлуката на Уставниот суд да ги укине Одлуките за распишување на ланските локални референдуми во регионот?
Симона Гетова: Тоа е само уште еден показател за тоа колку малку можат граѓаните да веруваат и да се потпрат на постоечките одлучувачки структури кои наместо да ги поништуваат, треба да ги заштитуваат нашите најосновни човекови права на здрава животна средина и достоинствен живот.
Постои ли порив кај активистите во иницијативата да се одржи моментот и да продолжите како формална невладина организација – дежурен коректив на секоја идна локална власт која би посегнала по еколошкиот примат на општината?
Симона Гетова: Здружението Еко Правда Валандово се роди од самиот организиран отпор против рудникот Казандол и си постава за задача токму тоа – будно да ги следи активностите на властите од локално и национално ниво кои можат да бидат потенцијална закана за еколошкиот, социјалниот и економскиот живот на ниво на регионот.
Што би и порачале на актуелната локална власт?
Симона Гетова: Никогаш да не си дозволи да носи одлуки од интегрално економско, социјално и еколошко значење за општината без благовремена консултација со граѓаните од општината. Локалните власти имаат за задача да бидат гласот на граѓаните и пред централните власти, па штом потенцијална закана за граѓаните на општината доаѓа од страна на недоволно информираните централни власти, локалната власт е таму да ги информира и консултира своите граѓани и направи план за акција заедно со нив.