Во СОУ „Гоце Делчев“ – Валандово се одржа трибина за борба против тутун, алкохол и наркоманија – дел од ноември – месецот на одбележување на борбата против овие штетни наркотични средства и нивните последици по човековото здравје.
Трибината е во организација на ОО „Црвен Крст“ – Валандово, МВР – Валандово и СОУ „Гоце Делчев“ – Валандово. На средношколците им беа презентирани штетните влијанија на тутунот, алкохолот и дрогата и последиците по здравјето на човекот.
Презентер на трибината беше д-р Митко Кортов кој од здравствен аспект им го објасни штетното влијание на учениците. Исто така, присутни беа и претставници од Полициската станица од Валандово.
Ваквата трибина годинава за првпат се одржува во средното училиште и според Алекса Димов – Секретар во ОО „Црвен Крст“ – Валандово, во план е да се одржи и презентација за борба против трговија со луѓе. Целта на ваквите трибини е да се подигне свеста кај младите за штетните влијанија на наркотичните средства, кои доведуваат до сериозни нарушувања на нивното здравје.