Денеска во Домот на култура „25-ти мај“ – Валандово беше потпишан договорот за изведувач на Програмата за наводнување на јужновардарска долина, втора фаза. На потпишувањето присутни беа премиерот Зоран Заев, министерот за земјоделство – Љупчо Николовски и заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања – Кочо Анѓушев.
Оваа инвестиција чини 24,3 милиони евра обезбедени од државниот буџет и германската развојна банка. Со проектот ќе бидат опфатени над 2.000 хектари земјоделски површини. Вода за наводнување ќе се носи од реката Вардар, од Удово а главниот канал ќе биде во должина од 9 км. Главниот гравитационен цевковод ќе има 4 препумпни станици. Бенефит од овој проект ќе имаат 1.300 домаќинства или 4.500 граѓани кои живеат во атарот на селата Удово, Јосифово и Пирава. Изградбата на новиот систем за наводнување ќе обезбеди континуирано снабдување со вода за наводнување 24 часа, 365 дена во годината, со што ќе се создадат услови за обработување на сите расположиви земјоделски површини во ова подрачје.
Како што истакна Заев, овој проект е важен за создавање модерно и европско земјоделство, преку реконструкција и создавање современи системи за наводнување, кои треба да обезбедат драстично намалување на трошоците за вода. Предвидениот период на инсталација е 21 месец.
Реализацијата на овој проект е од големо значење за валандовскиот регион, не само поради контролираното наводнување, туку и поради тоа што ќе овозможи и предвидливост во производството на земјоделски производи.
Николовски одржа и трибина со земјоделците од овој регион за сите програми, политики и мерки на министерството за земјоделство.