„Стоп за предрасудите и дискриминацијата“, „Да им помогнеме на овие лица да се интегрираат во средината“, „Да станеме едно од поинклузивните општества“ се само дел од пораките со кои денес во Валандово беше одбележан Светскиот ден на лицата со Даунов синдром.
На настанот кој го организираше Дневниот центар за лица со посебни потреби и волонтерите на „Црвен крст“ – Валандово, учествуваа: градоначалникот Перо Костадинов, Вангелија Дулгерова-Маркова – директорка на Центарот за социјална работа, Љилијана Нанова – директорка на Дом за култура „25-ти мај“, Марија Занова – директорка на детската градинка „Калинка“ и други, кои беа ставени во улога на лица со посебни потреби.
„Ова е еден од настаните на кои досега сум имал најмногу трема и морам да кажам дека бев возбуден и чувствував одговорност. Се надевам дека ваквите настани ќе ни помогнат да бидеме повеќе солидарни и емпатични кон овие лица, за да сфатиме дека сите сме еднакви. Ние како општина им помагаме на разни начини на овие луѓе за целосно да ги интегрираме во нашата заедница“. – изјави градоналникот Костадинов.
„Чувството да се биде во чевлите на овие лица е тешко, чувствував несигурност и страв, но и срам за тоа како ме доживува околината. Ние имаме програми за овие лица за да им излеземе во пресрет за се што им треба а годинава имаме и нова програма за персонален асистент кој ќе им помага во различни области. Сакам да порачам да бидеме отворени и да го направиме овој свет ист за сите, исполнет со љубов и среќа.“ – вели Директорката на Центарот за социјална работа Вангелија Дулгерова-Маркова.
За реализацијата на овој настан волонтерите и вработените во Дневниот центар се подготвуваа две недели и велат дека да се биде меѓу овие деца е прекрасно зашто нема никаква разлика помеѓу нив и луѓето со нормален развој.