Урбаните општини од југоистокот, меѓу кои и Валандово, заостануваат со транспарентноста пред руралните, објави Еко-Правда

Ниту една од десетте општини од југоисточниот регион не е високо транспарентна што се однесува до информирање на јавноста, покажа истражувањето на невладината организација „Еко-Правда“ од Валандово спроведено врз основа на 31 критериум, во рамки на проектот „Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации и Фондацијата Фокус.

Дури седум општини добија оценки што ги рангираат како ограничено транспарентни, една е минимално транспарентна општина и две кои што се всушност највисоко рангирани, со солидно ниво на транспарентност.

По одделни општини, најмногу бодови, односно 42 доби општината Богданци, што е 68% од максималните можни поени. Со тоа оваа општина е на врвот на ранг листата според транспарентноста на локалните власти во југоисточниот регион.

Потоа следуваат, општина Василево со 60% од максималните бодови што е всушност долната граница за солидна транспарентност. Општина Радовиш има 55% од максималните бодови, по 50% имаат општините Босилово и Конче, потоа следуваат Гевгелија и Струмица со по 47% од можните поени за транспарентност, па општината Валандово со 45%, Дојран со 40% и најслабо рангираната општина во овој регион, Ново Село со 39%.

Сите десет општини во 2017-та година потрошиле вкупно 4,85 милиони евра преку спроведени 232 тендери и склучени 277 договори за јавни набавки. Девет од десет општини одговорија на нашите барања за пристап до информации од јавен карактер, од кои четири во предвидениот законски рок од 30 дена по доставувањето, пет го пробија тој рок но сепак доставија одговори, а една општина, тоа е општината Ново Село, воопшто не одговори на барањето.

Освен врз основа на барања за пристап до информации од јавен карактер, истражувањето ги опфати и веб страниците на општините, како и анализа на податоците за спроведените јавни набавки објавени на веб страницата на Бирото за јавни набавки.

По одделни критериуми, само една општина во овој регион на пример објавила на својата веб страница годишен план за јавни набавки, кај дури седум од нив реализацијата на планот за јавни набавки е ниска, ниедна од нив нема воспоставено систем за следење на реализацијата на планот за јавни набавки, ниту пак има некоја што ги објавува известувањата или склучените договори за јавни набавки, а само една општина ги објавува огласите за јавни набавки на својата веб страница.

Како позитивен аспект може да се истакне што кај ниту една општина, во тендерските документации не се забележани дискриминаторски елементи со кои што може да се ограничи конкуренцијата.

Ова истражување е организирано со помош на грант доделен преку проектот „Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации и Фондацијата Фокус со финансиска поддршка од Европската Унија.

 


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.

Коментари