Годинешното издание на „Фолк Фест Валандово“ носи неколку промени

Најстариот фестивал за новокомпонирана народна музика „Фолк Фест Валандово“ годинава ќе се одржи на 30-ти и 31-ви мај, неколку дена подоцна од минатогодишниот термин.

И годинава, фестивалот ќе се реализира во две вечери. На првата – ревијална вечер, како афирмација на македонскиот јазик, ќе бидат изведени песни од најистакнатите текстописци кои оставиле белег на фестивалот, Ѓорѓи Барбаровски, Томислав Которчевиќ, Огнен Неделковски и Борче Нечовски.

Втората фестивалска вечер ќе понуди 20 нови композиции во изведба на дебитанти на фестивалот, како и истакнати имиња на македонската музичка сцена, меѓу кои и Драган Мијалковски кој го обележи „Фолк Фест Валандово“ со победничката песна од 89-та година, „Дојди Лено на перниче бело“.

За прв пат годинава постхумно, на Леонид Манчев, ќе му биде доделена награда за животно дело. Манчев е еден од основачите на фестивалот, а истата ќе продолжи да се доделува и во идните изданија, носејќи го токму името на истакнатиот културен деец од Валандово. Една од наградите која ќе биде доделена оваа година е и признанието за бардот на македонската народна музика, Никола Бадев, по повод 100 години од неговото раѓање.

На сцената годинава ќе се појави и Благица Калева со изведба на првонаградената песна од ланското издание на фестивалот, што е уште една новина во програмата на фестивалот, а во периодот за гласање на сцената со свое музичко шоу ќе настапи Сузана Спасовска.

Редоследот на песните кои ќе бидат изведени на втората натпреварувачка вечер беше направен со вкрстено ждребување, една бавна и една брза песна, со што треба да се одржи динамиката на фестивалот.

Во натпреварувачката програма на 31-ви ќе настапи и валандовскиот ансамбл за македонски народни песни „Распеани Валандовчани“, со песната која го носи насловот „Љубов преку граница“.

Како водителски пар на овогодинешниот валандовски фестивал ќе се појават Ирена Спировска и Ѓорги Калајџиев. Спировска и Калајџиев во функција на водители последен пат се појавиле на 14-тото издание, пред 20 години.

Влезниците за фестивалот се веќе пуштени во продажба на билетарата при Културниот дом во Валандово, а тоа што е поразлично од минатата година е тоа што гоинава влезниците не се со нумерирани седишта.


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.

Коментари

Login

Добредојдове! Логирајте се на вашата сметка

Запомни ме Заборавена лозинка?

Lost Password