Најголемите македонски „Тикток” ѕвезди се валандовчани

Ако не живеете под карпа, досега сте слушнале за апликацијата „Тикток“ која станува апсолутен хит во цел свет.

Популарноста на Тикток оди дотаму што американските власти планираат да ја забранат затоа што милиони американци ја користат секојдневно, а се работи за кинеска апликација, па стравуваат за безбедноста на нивните податоци, на ниво на загрозување на националната безбедност.

„Тикток“ е популарен и во Македонија. Од ден на ден сѐ поголем е бројот на корисници од нашата држава. Последните статистики покажуваат дека „Тикток” е втората најпревземана апликација за „Андроид” уреди, односно третата за „iOS” уреди.

Се работи за апликација за споделување видео содржина, налик „Јутуб”. На неа корисниците можат да снимаат најразлични видеа, од плејбек на популарни цитати, до танцови кореографии на некои од најголемите светски музички хитови, објавувајќи ги како забавна содржина за другата, поголема група на корисници кои апликацијата ја користат само за гледање видеа.

Она што за нас е интересно и, беше инспирација за оваа објава е тоа што најголемите македонски „Тикток” ѕвезди се валандовчани… What? *mind-blown*.

Така е, Александар Динев од Балинци и Патриција Петкова од Валандово заедно имаат речиси 200.000 следбеници. Нивните видеа комбинирано имаат повеќе од 6 милиони „лајкови”. Со вакви бројки тие несомнено се најголемите македонски „Тикток” ѕвезди.

Најгледаното видео на Александар Динев, кое е всушност комична имитација на различните ликови кои се среќаваат на речиси секоја свадба, има повеќе од 1.300.000 прегледи. Од друга страна пак Патриција Петкова најчесто снима популарни „Тикток” танцови кореографии, а прегледите на нејзините видеа достигнуваат и бројка од 500.000.

На Запад, со години наназад се менува перцепцијата за онлајн ѕвездите, инфлуенсерите од „Инстаграм”, популарните „јутубери“ и „тиктокери“, денес веќе нарекувајќи ги новиот „Холивуд“. Ова, пред сѐ, се должи на новите навики на младите кои сѐ помалку гледаат телевизија, а сѐ повеќе се приврзуваат за ликовите од социјалните мрежи.

Во Македонија можноста да се монетизира ваквата содржина и од тоа да се заработува, во однос на повеќето балкански, а и земјите од светот е мала. Сепак брендовите, посебно оние кои имаат потреба да им се обратат на најмладите почнуваат да ги спонзорираат македонските онлајн ѕзвезди, со цел промоција на нивните производи или услуги.

Засега, во Македонија не постојат податоци колку домашните „јутубери”, „тиктокери” или со еден збор онлајн ѕвезди заработуваат, но, за споредба, најпопуларниот „јутубер” во светот, Пјудипај, во 2019-та заработил повеќе од 70 милиони американски долари.

Да се надеваме дека Александар и Патриција ќе продолжат да снимаат видеа и еден ден „Тикток” ќе им прерасне во вистинска професија, а дотогаш ќе бидат инспирација за младите од нашата општина, но и од цела држава, како на креативен начин да го користат своето слободно време.

Коментари


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.