Вчера се одржаа Предвремените парламентарни избори – 2020. на кои победата ја однесоа СДСМ и коалицијата „Можеме“.
Тенка победа социјалдемократите забележаа и во општина Валандово. Сепак значајна, ако се земе во обзир фактот дека претходните парламентарни избори, во 2016-та, загубија од својот опонент ВМРО-ДПМНЕ со повеќе од 900 гласа.
„Изборниот ден помина во мирна, фер и демократска атмосфера. Валандово гласаше слободно, граѓаните имаа понуда на два различни концепти и, имаа избор. На крајот и направија разлика. Им честитам на сите граѓани кои го искористија своето право на глас. Моја финална порака е дека победија сите граѓани на Валандово, без оглед на партиската, политичката, етничката и друга припадност. Ги повикувам сите граѓани заедно да се вложиме и да градиме прогресивно и слободно Валандово. Од нас зависи.“ изјави градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов, за Валандово.мк.