Доколку СДСМ и коалицијата „Можеме” успеат да формираат влада, интересите на валандовчани во парламентот ќе ги застапува Драгица Ѓавочанова од Богданци.
Драгица е вработена во СОУ „Богданци“ во Богданци како наставник по математика. Повеќе години е дел од Советот на Општина Богданци, а во последниот мандат и претседава со истиот.
Земајќи го во обзир добиениот број на гласови во четвртата изборна единица, речиси е извесно дека влегува во Собранието.
По изборите, за Валандово.мк рече дека е задоволна што иако овие избори беа малку поспецифични во однос на сите останати досега, и кампањата и самиот ден на гласање поминаа во безбедна, мирна и демократска атмосфера, како и што доликува на една современа и модерна држава.
„Им благодарам на сите граѓани на општините Богданци, Валандово и Дојран кои го искористија правото на глас почитувајќи ги мерките за заштита од корона вирусот и се одлучија за еден од концептите понудени во партиските кампањи.
Им честитам на сите граѓани кои се одлучија за концептот што води напред, кон уште побрз економски развој , правда и европска интеграција.
Волјата на народот треба да се почитува и во овој момент кога државата секојдневно ни е исправена пред нови предизвици останува да се засукаат ракавите и да се работи уште позабрзано на остварување на економскиот развој, правдата и редот кој сите го посакуваме и заслужуваме.” изјави Ѓавочанова.