Тиктокерот со најмногу следбеници во Македонија, Александар Динев, родум од општина Валандово, пред два дена беше примен од страна на Градоначалникот Перо Костадинов, при што, како што не известија од Општината, било разговарано за можностите кои ги пружа платформата, ангажманот на Динев и неговите идни планови.
По објавата на општинските канали за информирање, покрај поддршката за Александар, доста од граѓаните негодуваа околу успехот на 16-годишниот сограѓанин и потребата да биде примен од страна на првиот човек на општината.
Два дена по средбата се огласи и Александар, кој на својот Фејсбук профил напиша: „Туѓото и негативното мислење на другите не е битно, најважно од сѐ е да си почитуван и сакан од твоите најблиски. Мило ми е што сум опкружен со толку позитивни луѓе кои ме потикнуваат секојдневно да бидам свој. Доста ми е мило и за секоја негатива околу мене, ви благодарам што со тоа ме мотивирате уште повеќе да ви постирам видеа и слики на кои вие ќе го трошите вашето скапоцено време. Фактот дека на двете страни им значам ме прави многу среќен“.
Столе Китановиќ ко-основач на „Vortechs Media“, првата маркетинг агенција во Валандово ваквиот развој на настаните го поврза со почетоците на „Битлси“.
„Постарите се сеќаваат на времињата кога Битлси се појавија на сцената и беа на мета на музичките критичари во тоа време, условувајќи ги како најлошата појава во музиката воопшто, а нивните обожаватели како генерациски идиоти. Сето тоа беше резултат на новиот рокенрол звук на Битлси кој беше одбиен од возрасните како музика со краток рок, несериозна, а согласни беа и дека бендот не ја заслужува популарноста која ја ужива. Денес Битлси се највлијателниот музички бенд на сите времиња. Истото се случува и со онлајн ѕвездите и целата хистерија околу нив.
Истражување на „The Harris Poll“, компанија во сопственост на Ниелсен, во кое беа вклучени повеќе од 3000 деца на возраст од 8 до 12 години покажа дека најмногу од испитаниците од САД и Велика Британија, дури 30%, сакаат да бидат познати Јутуб ѕвезди или трипати повеќе од децата сакаат да бидат јутубери отколку астронаути.
Ваквиот исход е очекуван имајќи ги в предвид трендовите во медиумскиот бизнис и растот на онлајн медиумите како и социјалните мрежи. Ова не е ни добро ни лошо. Нормално е да се менуваат навиките и формите на забава и нормално е постарите да изразуваат одбивност поради неможноста да се поврзат со новата реалност.
Музичкиот аналитичар Марк Мулиган за „The Guardian“ изјави дека дете кое се обидува на мајка си да и објасни зошто вреди со часови да се следи Stampy додека игра Minecraft е еквивалент на обидот децата од минатото да ги убедат родителите зошто вреди музиката на Битлси, Елвис Пресли и други.
Многу онлајн ѕвезди се успешни и надвор од платформите на кои уживаат најголема популарност, сепак поголемиот дел од нив не би ризикувале работа на телевизија или филм која може да ја истенчи посебната врска која ја имаат со фановите на интернет и од која често заработуват многу повеќе од холивудските „А-лист“ ѕвезди.“ напиша Китановиќ за Валандово.мк.
Дисклејмер: Столе Китановиќ е еден од основачите и сопственици на Вортекс Медиа во чија сопственост е порталот Валандово.мк.