Уличното осветлување оди под јавно-приватно партнерство. Општината бара ЕСКО компанија.

Општина Валандово, како една од петте пилот општини во кои се спроведува проектот за енергетски ефикасно јавно улично осветлување по ЕСКО моделот, објави јавна набавка во која бара компанија со која партнерски ќе го реализира проектот.

Со промените кои ги носи новиот модел, ЕСКО компанијата која ќе победи, ќе биде обврзана да ги промени сите улични светилки со високо квалитетни, модерни и енергетски ефикасни, а ќе се финансира од заштедите кои ќе ги остварува Општината од замената на старите неефикасни светилки.

Јавно-приватното партнерство ќе биде основано на период од осум години во кои, Општината, грижата за јавното осветлување, целосно ќе и ја препушти на партнерската компанија, која покрај замената на постоечкото осветлување со ново – ефикасно, ќе врши и санирање на проблемите и замена на дефектните светилки.

Според физибилити студијата која ја изработи Општината, предвидените заштеди со модернизацијата на јавното улично осветлување се проектирани на 3.6 милиони денари годишно.

Првичните инвестиции од 26 милиони денари од страна на Општина Валандово и 31.2 милиони од страна на ЕСКО партнерот ќе бидат вратени од заштедите во период од 7 години односно нешто повеќе од 8 години за ЕСКО фирмата.

Покрај град Валандово, проектот ги опфаќа и останатите 15 населени места во кои Општина Валандово инсталирала и одржува јавно улично осветлување.

Еден од приоритетите на Општината со реализацијата на овој проект е модернизација на, како што се вели во Физибилити студијата, субстандардното осветлување на шеталиштето на улицата „Маршал Тито” во Валандово.

Речиси поголем дел од новото осветлување ќе биде „смарт” осветлување, поврзано со паметен анализатор што може да мониторира и управува цел сегмент од уличното осветлување кое се напојува од истиот ормар и приклучените надворешни сензори. Анализаторот има вграден астрономски часовник и фото сензор кои ќе овозможат намалување на интензитетот на осветлувањето во текот на ноќта со што би се постигнала дополнителна заштеда.

Покрај модернизацијата на уличното осветлување ќе биде инсталиран и систем за контрола на загадувањето – Метеролошка станица. Уредот ќе мери температура, влажност, притисок, ПМ честички (ПМ10, ПМ2,5 и ПМ1,0), UV индекс, брзина и правец на ветерот, количина на врнежи, NO2, SO2, CO и O3.

По завршувањето на договорниот период сета опрема, каква што се новите ефикасни улични светилки и пропратните инструменти и опрема остануваат во сопственост на Општина Валандово.

Дел од советниците при Советот на Општина Валандово негодуваа во однос на намерите на Општината и изразија загриженост дека новата компанија може да ја повиши цената за уличното осветлување, по што од Општината уверуваа дека тоа нема да се случи, а јавно-приватното партнерство го окарактеризираа како одлична можност општина Валандово да добие модерно улично осветлување.

Во моментов одржувањето на уличното осветлување е во надлежност на Општината во чиј склоп постои одделение за мониторинг на јавното осветлување.

Коментари


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

Valandovo.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај Valandovo.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.sr, 24Gevgelija.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.