Градската библиотека „Гоце Делчев“ Валандово располага со најмалку 40.000 книги од различни жанрови. Но, како што велат оттаму, мал е бројот на читатели во оваа општина. Досега оваа година заведени се 124 членови, а во споредба со претходните години тој број годишно варира од 249 до 252 членови. Најмногу читаат возрасните и тоа претежно бестселери, од кои најпопуларни се трилерите. Ретки се оние кои читаат македонски автори, а одреден број на читатели се вљубеници во руската класика.
Бројот на книги во валандовската библиотека постојано се зголемува, во зависност од желбите и потребите на читателите. Книгите се поделени на оддел за возрасни, оддел со книги за деца и роднокрајна збирка. Исто така, библиотеката е збогатена и со книги од неколку капитални проекти на Владата на Р.Македонија, меѓу кои: проектот „Превод на 1000 стручни, научни кнуги и учебници“, проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ и проектот „Нобеловци“. Се почесто и самите граѓани донираат дел од книгите од своите домашни библиотеки и тоа романи и стручна литература.
Од библиотеката велат дека иако општина Валандово е мала, сепак ова е многу мал број на читатели. Тие апелираат до читателите да ги чуваат позајмените книги и да ги враќаат во определениот рок.
Инаку градската библиотека е основана уште во 1945-тата година, а од 1981-та е сместена во просториите на Домот на културата „25-ти мај“.