Четириесет и четиригодишниот Хусеин Хусеинов од селото Башибос, со години ги обновува бугарските чешми на Беласица, изградени од бугарските војници за време на Дојранската епопеја 1915-1918. Со тоа тој го привлекол вниманието на бугарската јавност и тамошните медиуми и предизвикал интерес и кај бугарската новинска агенција „Монитор“.
Хусеин, во интервјуто за оваа агенција вели дека ја познава Беласица како сопствените дланки и при секојдневната потрага по печурки, наоѓа разни остатоци од војната, како делови од пушки, проектили, мини, патрони и разни видови муниција. А многубројни се и бункерите и скривниците. Сето ова, според него, ја прави Беласица да изгледа како музеј на отворено за Бугарите.
Хусеинов со свои пари ја обновил камената чешма која е изѕидана пред повеќе од еден век од страна на бугарските војници, а се наоѓа на неколку километри од селото Башибос. Тој ја утврдил местоположбата и на многу други чешми, од кои, голем дел пресушиле.
Со својата работа Хусеинов го привлекол вниманието на бугарската јавност, по што оттаму веќе добива материјална помош за да ги обновува чешмите. Вниманието им го привлекол и на Иво Антонов од Военото министерство, како и на неколку историчари, кои биле и во посета на Хусеинов, при што Антонов го наградил со два бугарски медали.
Хусеинов вели дека се интересира за бугарската историја, бидејќи на овој предел има многу остатоци кои сведочат за бугарите и нивното војување и смета дека бугарската власт би требало да изгради музеј на отворено и дека тој лично би помагал како туристички водич. Од тоа, тој вели дека полза ќе има и Македонија. Хусеинов постојано организира „туристички тури“ на Беласица, на барање на посетителите кои сакаат да ги посетат нејзините предели а поради тоа, локалното население го нарекува Индијана Џонс.