Вечерва во Домот на култура „25-ти мај“ – Валандово беше поставена изложба на одамна недопрени или заборавени книги, кои со децении ниту еднаш не биле позајмени од градската библиотека, од страна на валандовските читатели.
Изложени беа околу 20-тина разновидни наслови, по избор на библиотекарките и тоа: класици, поезија од јужнословенски поети, романи и епот Одисеја во оригинално издание, кој откако библиотеката го добила во 2008-та година, ниту еднаш не стигнал до рацете на валандовските читатели.
Една од причините поради која овие книги со децении останале недопрени е желбата да се чита полесна литература, односно бестселери, трилери и чик-лит книги, кои во денешно време се најпопуларни меѓу читателите.
Изложените книги и натаму ќе стојат на библиотечните полици и секој кој сака да ужива во нивните приказни, веќе од утре ќе има можност да ги позајми.


