По повод одбележувањето на „6-ти Ноември“, празникот на општина Валандово, утре и во среда ќе се одржат неколку настани кои ќе завршат со доделувањето на Шестоноемвриската награда.
Со почеток од 9 часот, утре, 3-ти ноември, ќе се реализира Меѓународниот планинарски марш „По падините на Плавуш“, а половина час подоцна ќе започне и велосипедската трка „Valandovo MTB Tour“.
На 6-ти, во среда, планирани се повеќе активности кои започнуваат со крводарителска акција, која ќе се одржи во Домот на културата, а ќе започне во 9 часот наутро и ќе трае до 15 часот.
Во 9.30 часот е планирано да започне и Спортсиот ден за учениците од Средното општинско училиште „Гоце Делчев“ од Валандово.
Како и секоја година и оваа на празникот на општината ќе биде положено и свежо цвеќе пред Споменикот на паднатите борци во НОБ во паркот „Пеонија“.
Дел од активностите за одбележување на празникот ќе биде и изложбата на слики од 24-тата Меѓународна ликовна колонија „Валандово 2019“ кој ќе биде поставена во просториите на Домот на културата во Валандово.
Традиционално на 6-ти ноември се одржува и свечената церемонија за доделување на највисокото општинско признание, наградата „6-ти Ноември“, која годинава му припадна на еден од основоположниците на македонскиот графички дизајн, валандовчанецот Костадин Танчев – Динката, настан кој ќе се одржи во холот на СОУ „Гоце Делчев“. Покрај доделувањето на наградите, кое ќе започне од 19 часот, настанот ќе биде збогатен и со културна програма со настап на Благица Калева, поетски читања, настапот на Кате, Ангела и Ристе и друго.
Како дел од празничните манифестации беше и вчерашниот настап на ансамблот за македонски народни песни „Распеани валандовчани“ под насловот „Пееме за Леонид Манчев“.