Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје во четврток, во 18 часот, во Домот на културата „25-ти Мај“ во Валандово, организира дебата на тема „Каква иднина ја очекува Општина Валандово?“.
Од Институтот велат дека идејата за оваа дебата е од потребата на граѓаните на Валандово од нови иницијативи со демократска и партиципативна форма во кои тие ќе адресираат и ќе ги дебатираат локалните комунални проблеми на градот и околината.
Едно од главните прашања коешто може да се постави во оваа насока е дали граѓаните на Валандово можат да се повикаат на позитивните искуства од минатите иницијативи во насока на градење на нови, стои во поканата за настанот.
На дебатата ќе учествуваат претставници на граѓански иницијативи, претставници на Општина Валандово и претставници на најголемите политички партии.
Дебатата е во организација на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје во рамки на проектот „Општествена нормализација: јакнење на политичкиот дијалог и деполаризација на јавниот дискурс“ поддржан од програмата на Цивика Мобилитас.