Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот фејсбук профил најави подобрување на условите на полициските службеници во текот на 2019-та година, во 8 полициски станици, меѓу кои и Валандово.
Тој во своето обраќање на централниот совет на Македонскиот полициски синдикат што се одржува во Охрид истакна дека подобрувањето на статусот и условите на работа, сфатени и како загарантирани права на полициските службеници, се заеднички интерес на МВР и Македонскиот Полициски Синдикат, бидејќи, само задоволен полициски службеник е ефикасен и професионален полициски службеник.
Оттаму, реализираните активности за набавка на униформи за полициските службеници, проектот за санација и реконструкција на објектите во кои што тие работат и ги извршуваат своите работни задачи, зголемувањето на платите на униформираните полициски службеници треба да ги донесат до посакуваната цел – професионална, функционална и ефикасна полиција како сервис на граѓаните.
За наредната 2019-та година предвидени се нови 70 милиони денари за реновирање на полициските станици, а за набавка на нови униформи околу 200 милиони денари. Во новата година предвидено е и зголемување на платите за пет проценти.