Валандовчанецот Васил Тасев има интересно хоби: изработка на макети на цркви, куќи и други објекти. За неговото хоби и досегашните изработки подготвивме едно кратко интервју.
Валандово.мк: Господине Тасев, имате многу интересно хоби. Колку време се занимавате со него и што се најчесто изработувате?
Васил Тасев: Многу години се занимавам со ова хоби, но во последно време се почесто и колку што ми дозволува слободното време. Изработувам макети на цркви и верски објекти, куќи, настрешници, кујни. Имам направено макети на се што е досега изградено во мојот дом и во дворот, како и макета на нашата семејна куќа.
Валандово.мк Од каде желбата да се занимавате со ова хоби?
Васил Тасев: Па отсекогаш сум имал желба за изработка на макети. Прецизноста и трпението се мои главни карактерни особини а тоа е токму она што е потребно за да се занимавате со вакво хоби.
Валандово.мк: Колку време ви беше потребно за изградба на макетата на валандовската црква „Пресвета Богородица“?
Васил Тасев: За изградба на валандовската црква ми беше потребно околу три недели и потрошив околу 100 кутии кибрит.
Валандово.мк: Освен кибрит, користите ли и друг материјал за изработка?
Васил Тасев: Да, најчесто користам картон и шпер плоча.
Валандово.мк: Кој е вашиот следен проект?
Васил Тасев: Следно планирам да направам макета на црквата „Св.Пророк Илија“ од с.Раброво, како и црквата „Пресвета Богородица“ од с.Јосифово.
Валандово.мк: Планирате ли можеби изложба со вашите изработки?
Васил Тасев: Не, пред се изработките ги правам за мене лично или ги подарувам на моите најблиски.